Македонско-албанска акција: Четири лица под истрага за неовластено набавување и пренесување на кокаин

од Nikola Popovski
145 прегледи

На 03.04.2023 Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал – Сектор за криминалистички истраги – Единица за недозволена трговија со дрога врз основа на спроведена повеќемесечна меѓународна истрага и формирани истражни тимови помеѓу Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција (ОЈО за ГОКК), Специјалното јавно обвинителство и Одделот за организиран криминал на Република Албанија спроведе координирана полициска акција, при што изврши претреси на повеќе локации на подрачјето на Скопје и Прилеп и лиши од слобода четири лица, и тоа А.М.(51), Д.З.(37), М.Ј.(35) и Д.Ј.(39), сите од Скопје.

Денеска (04.04.2023) до ОЈО за ГОКК поднесена е кривична пријава против А.М., Д.З., М.Ј., сите од Скопје, како и против Р.Т.(45) од Прилеп, поради постоење на основано сомнение за сторено кривично дело „неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори” по член 215 ст.3 од Кривичниот законик, соопшти Сузана Прањиќ Талевска од МВР.

Четирите лица се дел од меѓународна организирана криминална група инволвирана во организирање на транспорт на кокаин за земјите од ЕУ, кои во текот на јуни 2021, од непознати лица од Албанија набавиле, а потоа и организирале пренесување на 300 пакувања со маса од 324,4 килограми кокаин за Р.Италија со товарно возило „даф“, со приколка, со скопски регистарски ознаки, управувано од Н.А..

Имено, на 16.06.2021 Н.А. на ГП Ќафасан остварил излез од Р.Северна Македонија кон Р.Албанија, при што на царинските управи на двете држави декларирал извоз на легална стока-железо, со крајна дестинација во Италија. Истиот ден, А.М. и Р.Т., одделно, на ГП Блаце оствариле излез од државата кон Р.Косово, а потоа заедно, со патничко возило, преку ГП Морина/Кукс се упатиле кон Албанија. Следниот ден (17.06.2021), Д.З. и М.Ј. на ГП Блаце оствариле излез кон Р.Косово, а потоа со патничко возило преку ГП Морина/Кукс се упатиле кон Албанија. Потоа, по претходен договор, на локација во Албанија приколката била одвоена од влекачот, управуван од Н.А., а во просторот кај резервоарите за нафта во влекачот биле ставени 300 пакувања со бруто маса од 324,4 килограми кокаин, набавен од албански државјани. Потоа приколката повторно била споена со влекачот, кој се упатил кон пристаништето Драч, со цел стоката да се пренесе во Италија, по претходна организација на А.М., Р.Т., Д.З. и М.Ј.

На 18.06.2021 на ГП на пристаништето во Драч – Р. Албанија, од страна на службени лица – цариници од Царинската управа на Р. Албанија, извршено е скенирање на товарното возило со приколка управувано од Н.А., при што во влекачот биле забележани сокриените пакувања, по што бил извршен претрес и биле пронајдени 300 пакувања кокаин со вкупна тежина од 324,4 килограми. Против Н.А. е поднесена кривична пријава до надлежното Специјално јавно обвинителство во Тирана – Р. Албанија за сторено кривично дело поврзано со недозволена трговија со наркотични дроги.

Поради ова, на 03.04.2023 спроведена е полициска акција на повеќе локации на подрачјето на Скопје и Прилеп, а врз основа на издадени наредби извршен е претрес кај лицата, при што се пронајдени и одземени повеќе мобилни телефонски апарати, сим картички, патничко возило и документација. При обид да биде лишено од слобода, едно од лицата, Р.Т. не почитувал полициска наредба и со возилото удрил во службено полициско возило, при што се здобил со тешки телесни повреди и е задржан на болничко лекување. Притоа, четирите лица се лишени од слобода, а кривично пријавените се изнесени пред судија на претходна постапка.

Слични содржини