Во Охридскиот суд прикажана снимка од тепањето на Пендиков

од Nikola Popovski
197 прегледи

Денеска во Охридскиот суд се одржа ново рочиште од предметот за претепувањето на охриѓанецот со бугарска самосвест, Христијан Пендиков, на кое беа презентирани доказите на обвинителството, меѓу кои и снимката од безбедносните камери од пред кафе-барот на кејот на Охридското Езеро, кога се случил немилиот настан.

Снимката од камерата презентирана во судот покажала како ноќта на 19-ти јануари, меѓу паркирани автомобили, две млади момчиња претепале трет, кој бил во одбранбена позиција. Се гледаат удари во пределот на главата и грбот и се гледа како претепаниот паѓа на земја, по што еден од двајцата го удира со клоци во горниот дел од телото.

На снимката се гледа и трето лице кое приоѓа и набљудува што се случува, но не учествува во тепањето.

Според адвокатот на првообвинетиот Илија Спасески, обвинителството нема докази дека едно од лицата кои го извршиле тепањето е обвинет и тоа мора да се докаже.

Според изнесеното во судот, Спасески влегол во кафе-барот во кој бил Пендиков со својата девојка и го удрил по глава со зборовите: „Не ти е срам да се пишеш Бугарин?“.

На следното рочиште ќе бидат сослушани вештаци и сведоци. По барање на одбраната на Спасески, меѓу нив ќе биде и неговиот татко, кој учествувал во спасувањето на бугарски државјани во несреќата со потонатиот туристички брод „Илинден“ во 2009 година.

Спасески е обвинет за нанесување тешка телесна повреда од омраза, а одбраната има за цел да докаже дека делото не го сторил и не бил поттикнат од етничка омраза.

Фото: БТА

Слични содржини