За познавачите на состојбите во градежништвото обидот на градоначалникот Герасимовски да го реши проблемот со дивоградбите преку нивна конфискација не само што не е реален, туку не го ни начнува евентуалното решение. Архитекотот проф. д-р Мирослав Грчев во интервју за Локално, посочува дека деценискиот проблем со дивоградбите е многу поголем и исклучително сложен, а произлегува од апсурдноста на нашиот правен поредок во кој бесправните градби уживаат поголема правна заштита од легалните.
Како аргумент ги издвојува Законот за сопственост и други стварни права од 2002 година и Законот за постапување со бесправно изградените објекти кој, како што вели, го укинал целиот правен и уставен поредок во Републиката во полза на бесправните гради.
„Откако беше продолжуван повеќе пати овој најомилен закон во македонската историја предизвикува носталгични солзи кај многумина, очигледно и кај влијателни групи, та пред собранието беше пред некоја година направен обид да се донесе и втор закон за легализација на дивоградбите… Ние сме нација на дивоградбаши што го жртвувавме уставноправниот поредок во полза на дивото градење, та не треба да трошиме време околу идејата за конфискација“, забележува Грчев.
Оттука, се повикува на искуството во уставно правните системи во светот кое подразбира законска забрана нелегално стекнатиот имот да стане легална сопственост.
„Ние во Законот за сопственост и други стварни права имаме поглавје „Стекнување на сопственост со бесправно градење“, хахахаха, тоа е како да имате поглавје во Кривичниот законик кое гласи „Законско перење на украдени пари“, велелепно… а вие ме прашувате за превентивни мерки?!’’, реагира Грчев.
Иницијативата на градоначалникот на Општина Центар за конфискација на дивоградбите наместо нивно уривање предизвика големо внимание во јавноста. Каков е вашиот став во однос на неговиот аргумент дека на овој начин би се избегнало трошење пари од буџетот?
-Идејата дивоградбите да се конфискуваат не е нова – иако поминаа години од претходната – но не сметам дека ваквите идеи имаат некаква врска со реалност, а не пак да претставуваат некакво остварливо или прифатливо решение за бесправното градење. Првин, ниту едно законско решение не ја потпира можноста да се конфискува бесправна градба, особено не во нашиов правен поредок каде што бесправните градби уживаат поголема правна заштита од легалните. Оваа правна заштита – на сосем неуставен начин, по мое скромно мислење – на бесправните градби им е дадена уште со Законот за сопственост и други стварни права од 2001 година, а десет години подоцна е донесен и Законот за постапување со бесправно изградените објекти кој го укина целиот правен и уставен поредок во републиката во полза на безправните градби, кои добија највисок државен и општонароден приоритет.
Откако беше продолжуван повеќе пати овој најомилен закон во македонската историја предизвикува носталгични солзи кај многумина, очигледно и кај влијателни групи, та пред собранието беше пред некоја година направен обид да се донесе и втор закон за легализација на дивоградбите… Ние сме нација на дивоградбаши што го жртвувавме уставноправниот поредок во полза на дивото градење, та не треба да трошиме време околу идејата за конфискација – која, инаку, не е без правна логика, зашто бесправното градење е кривично дело, а кривичниот законик обезбедува околности каде со судска пресуда се конфискува бесправно стекнатиот имот – зашто не постои политичка волја да се менуваат повеќе закони, од кои барем два се системски односно двотретински, а особено не заради неодржливиот аргумент дека со оваа мерка ќе се заштедат средства попусто потрошени на рушење. За жал, последниот аргумент ја компромитира самата идеја, зашто истото важи и за парите што општеството ги троши на судскиот систем или на затворите, нели, доколку ги протераме сите криминалци, нема да ни требаат ниту затворите а ниту пак скапиот систем на судови…. но, ова е веќе шега, и тоа не многу добра.
Дали според Вас на овој начин би се направил чекор напред во однос на превенцијата од идни дивоградби како што тврди градоначалникот Герасимовски? Дали е ова вистинскиот чекор за решавање на натрупаните проблеми со дивоградбите од секаков тип?
-Основна мерка против криминалот воопшто, а особено против нелегалното градење, и тоа е принцип применет без исклучок во сите уставно-правни системи во светот, е законската забрана нелегално стекнатиот имот да стане легална сопственост. Затоа парите украдени со оружен грабеж од банка потоа поминуваат тежок процес на „перење“ – исто така криминален – во кој украдените пари ја губат својата номинална вредност и кога ќе се исперат, стануваат четвртина од украдената вредност, но затоа легални пари. Сите држави на светот се борат против овој вид на криминал отежувајќи го процесот на перење на парите, или накусо, правејќи криминалот да не се исплати.
Во областа на градењето секогаш и секаде се употребува една основна законска одредба: не се дозволува нелегално градените градби да се запишат во катастарските книги како сопственост, со што се оневозможува кривоградењето да стане исплатливо, да се продава и наследува, да стане како легална сопственост која ја штитат Уставот и законите. Но, ние во Законот за сопственост и други стварни права имаме поглавје „Стекнување на сопственост со бесправно градење“, хахахаха, тоа е како да имате поглавје во Кривичниот законик кое гласи „Законско перење на украдени пари“, велелепно… а вие ме прашувате за превентивни мерки?!
Сепак, на овој начин на одредени несоодветни локации би останале градби кои често не одговараат на местоположбата, или пак според сите параметри отскокнуваат во однос на нивниот изглед. Какви чекори треба да се спроведат во вакви случаи?
-Како што ви кажав, конфискацијата на дивите градби во Македонија е потполно нереална идеја, јас дури не би ви го трошел просторот на неа. Впрочем, оние со малку подолго сеќавање, ќе си припомнат дека пред дваесеттина години постоеше такво решение, но беше укинато од уставниот суд.
Проблемот со дивоградби е заеднички во цела држава. Дали вакво решение треба да се примени во сите градови и од страна на сите градоначалници?
-Проблемот со нелегалното градење е многу покомплексен отколку што на јавноста и се чини, и може да се реши само со повеќе законски изменувања на повеќе закони, реорганизација на инспекциските служби и уште многу други работи. Но, никој во државата не се препознал себеси како одговорен да почне системски да го проучува проблемот, да предложи мерки на менување на легислативата и инстиуционална реорганизација на органите на управата и конечно, и да го избутка низ влада и парламент сиот овој пакет на реформи. Во меѓувреме никој не се бави ниту со препознавање, ниту со категоризација, ниту со броење или пак инвентаризација на бесправните градби во републиката, а градоначалниците односно општините знаат исто колку и централните власти – ништо.
Постои ли некаде податок колку дивоградби има во земјава?
-На ова прашање како да ви одговорив претходно: никој не знае колку и какви нелегални градби постојат, а доколку претпоставувате дека државата што го подготвила вториот закон за легализација на бесправно градени градби морала да знае за кои, какви и колку дивоградби носи закон… е тогаш претпоставката ви е тотално погрешна. Нема таков јунак во Македонија Вечна што може да ви ја каже таа бројка (не затоа што е тајна, туку затоа што никој не броел).
Која е причината зошто дивоградбите не се легализираат? Јавноста памети акции за легализација од 1 евро за метар квадратен.
-Зошто да комплицираме со цена од 1 евро? Па така ќе мораме првин да ги броиме метрите и кој знае што? Јас предлагам сите градби да се прогласат за легални со кралски указ, сите без исклучоци зашто принципот на еднаквост е суштински за секоја правна држава, а ќе го укинам и законот за градење и легалните градби како такви, тие само ја комплицираат работата (можеби овој шеговит предлог и не е така лош, но мене ме прави малку тажен зашто веќе трета година го пишувам новиот суперсовремен, умен, инженерски и светски Закон за градење, а всушност тој во Македонија само прави проблеми).
К.В.С.