Директорот на АД ЕСМ, Васко Ковачевски заминува од лични причини од директорското место. Ова денеска го истакна премиерот Димитар Ковачевски.
-Уште во текот на минатата година, директорот ме информираше дека сака да се повлече за да посвети повеќе време на своето семејство и големите работни обврски што ги помина. Утрово до мене усмено, а утре и писмено ќе ја достави својата оставка и таа ќе биде усвоена на следната владина седница. Од Владата ќе биде препорачано нов директор на АД ЕСМ да биде Васко Стефанов, кој е поранешен директор на „Пошти“, „Водостопанство“ и е менаџер по техничка логистика. Сакам да му се заблагодарам лично на Ковачевски за сето вложено во менаџирање на компанијата во една тешка и деликатна ситуација, рече премиерот Ковачевски на денешната прес-конференција во Владата.
Претседателот на Владата информираше дека го убедиле Ковачевски да остане на функцијата во АД ЕСМ до завршување на кризата и поради тоа упати голема благодарност до него.
Васко Ковачевски информираше дека е вработен во АД ЕСМ и дека по проценки на новиот менаџмент на ЕСМ и Владата, ќе се одлучи кое ќе биде неговото место во компанијата.
-Моите две деца имаат потреба од мене за иден раст и развој во дообразувањето, но и успешно менаџирање во приватниот бизнис. За тоа дали успешно или неуспешно сум раководел со компанијата, бројките покажуваат се и во делот на производството и во делот на финансиите, рече тој.