Министерството за образование и наука (МОН) демантира дека во моментов го користи рускиот антивирус „Касперски“, кој е на „црна листа“ во многу земји и е забранет во САД.
Од ресорот образование за „Локално“ велат дека секоја година спроведуваат постапка за јавна набавка за избор на економски оператор кој ќе обезбеди лиценци за антивирусен систем за потребите на институцијата.
-Антивирусниот систем кој го посочувате е предмет од јавна набавка во 2021 година, така што договорот за негово користење не е активен, соопштија од МОН.
Ваквата реакција следува откако РСЕ денеска објави како повеќе државни институции го користат споменатиот антивирус. Според пишувањата, покрај МОН, антивирусот кој не е забранет во земјава, и МВР, Министерството за финансии, Министерството за животна средина, Централниот регистар и неколку клинички болници го користат токму Касперски антивирусен софтвер, кој се грижи за нивните интернет страници.
Се наведува дека Европската унија препорачала да се забранат производите од оваа руска компанија.
Една година подоцна, во јуни 2018 година, Европскиот парламент усвои резолуција за зајакнување на сајбер-одбраната од Кина, Русија и Северна Кореја, која содржи клаузула ограничување на користењето на софтверот „Касперски“ како потенцијално опасно.
Како одговор, компанијата одлучи да престане со соработката со европските агенции за спроведување на законот, вклучувајќи го и Европол.