Москва сака сите мировни преговори во Украина да се фокусираат на создавање нов светски поредок, изјави рускиот министер за надворешни работи Сергеј Лавров.
Лавров изјави дека мировните преговори за Украина ќе бидат можни само кога ќе се води сметка да се воспостави „нов светски поредок“, во кој нема да има американска хегемонија.
„Тоа е нашата главна стратешка цел во Украина. Преговорите ќе бидат можни само кога ќе се земат предвид руските интереси. Станува збор за принципите на кои ќе се заснова новиот светски поредок“, рече Лавров, додавајќи дека Русија го отфрла „униполарниот светски поредок предводен од еден хегемон“.
Да потсетиме, Русија од почетокот на војната тврди дека води борба против американската доминација на меѓународната сцена и дека офанзивата против Украина е дел од таа борба. Кремљ оваа недела соопшти дека нема друг избор освен да ја продолжи офанзивата и дека не гледа дипломатско решение.