Сојузот на синдикати на Македонија (ССМ) изразува сериозна загриженост поради предложените законски измени поврзани со изградата на автопатите на коридорите 8 и 10 -д, а кои во понеделник треба да се најдат на собраниска седница и да се усвојат по скратена постапка.
Апелира до сите пратеници добро да размислат пред да го дадат својот глас за, како што велат, катастрофални предлози за измени на законите по работничките права, за кои додаваат дека се предлагаат без социјален дијалог, без јавна дебата, без дискусија и без време да се разберат последиците од истите доколку се усвојат.
-Пратениците од владејачкото мнозинство сакаат прекувремената работа да може да трае и подолго од осум часа во текот на една недела, повеќе од осум часа во просек неделно во период од три месеци и повеќе од 190 часа годишно во случаите кога се работи за работи од национален и стратешки интерес за државата, по претходно дадена писмена согласност на работниците кои работат на проекти од национален и стратешки интерес, да немаат слободен ден и да работат во недела“, се наведува во реакцијата од ССМ.
Според нив, Владата продолжува со намерата докрај да ги понижи македонските работници, да им го одземе достоинството и да ги направи робови во сопствената држава за сметка и интерес на странски компании и корпорации. На тој начин, додаваат од ССМ, не само што ќе ги одлее парите на македонските работниците и граѓани кои се даночни обврзници во странски компании, туку сака и да им овозможи на овие компании, како „Бехтел и Енка“, да ги преработат, преморат и изнемоштат работниците кои очигледно треба да им бидат не само робови туку и роботи.