„За обезбедување безбедна средина за живеење неопходно е заедничко работење помеѓу полицијата и локалното население“. Ова беше истакнато во рамките на заедничката кампања која што ја организираат Министерството за внатрешни работи и Македонскиот полициски синдикат „МВР за граѓаните – заедница, доверба, одговорност“. Жителите имаа можност одблизу да се запознаат со работата на полицијата, но и опремата и средствата коишто секојдневно ги користат. Тие се согласуваат дека за мирен и безбеден град важна е соработката и довербата со полицијата.
Целта на кампањата е доближување до граѓаните, вредностите и карактеристиките на полициското работење со заедницата.
„Полицијата како институција задолжена за безбедноста на граѓаните и оштеството има една од најважните улоги во државата и заедницата. Таа го гарантира редот, мирот, безбедноста и владеењето на законите, работи на сузбивање на криминалот и води бескромпромисна борба со сите криминогени појави во општеството.“, потенцираше Ивана Младеновска, портпарол на Секторот за внатрешни работи Куманово.
Според статистиките, нарушувањата на јавниот ред и мир на подрачјето на помалата општина од североисток, Кратово, се намалени за околу 50%.