Најмалку шест лица се повредени при уривање на четирикатна станбена зграда во Марсеј, соопштија тамошните власти.
Француските спасувачки служби трагаат по жртви и се обидуваат да изгаснат пожар откако експлозија предизвика уривање на станбена зграда, објави Ројтерс. Причината за експлозијата се уште не е позната.
Уривањето предизвика пожар што ги комплицираше спасувачките напори, изјавил градоначалникот на Марсеј, Беноа Пајан. Две други соседни згради делумно се урнале.
„Треба да се подготвиме за тешка ситуација, денес би можеле да имаме жртви“, рекол Пајан, додавајќи дека пет од шестмината повредени се во релативно тешка состојба во болница.
JUST IN – Building collapse that sounded like a huge explosion reported in the southern French port city of Marseille
— Insider Paper (@TheInsiderPaper) April 9, 2023
Пожарникарите се уште го гаснат пожарот, а 80 лица се евакуирани, соопштиле тамошните спасувачки служби.
„Пожарот ја отежнува потрагата“, изјавил командантот Лоран од спасувачката служба во Марсеј за ТВ БФМ.
Локалните власти соопштија дека се уште не се знае колку луѓе живееле во зградата. На местото на несреќата се очекува пристигнување и на министерот за внатрешни работи Жерал Дарманен.
Фото: Profimedia