Руското демократско друштво (РДД) во Србија организирало перформанс во центарот на Белград на кој изразиле противење на политиката на рускиот претседател Владимир Путин, наведувајќи дека тој е виновен за жртвите од војната во Украина.
Со настап на плоштадот на Републиката во Белград, активистите на тоа здружение сакале да ги прикажат жртвите од војната, со четворица активисти кои лежат облечени во бело, со врзани раце и намачкани со лажна крв, додека претставниците на РДД ги држат транспарентите „Путин го направи ова“ и „Украина“.
Претставничката на РДД, Анастасија Дворјанова за агенцијата Бета изјавила дека настапот е посветен на Украинците кои биле убиени од руската армија.
„Ние сме Руси и тука сме уште еднаш за да кажеме дека сме против оваа војна и со овој перформанс сакаме да им покажеме на Србите дека тоа се ужасни дела“, рекла Дворјанова.
Перформансот се одржал под наслов „Сеќавања на жртвите од воените злосторства на војската на Владимир Путин во Украина“.
Руските граѓани кои се доселиле во Србија од почетокот на војната во Украина во декември, го основале здружението „Руско демократско општество“, за кое тврдат дека е антивоено и антифашистичко и ја осудува употребата на воена сила за решавање на меѓународни и внатрешни спорови.