Пратениците во рамки на денешната 112. седница со 58 гласа „за“, тројца „против“ и нути еден воздржан го изгласаа Предлогот на законот за изменување и дополнување на Законот за градење, по скратена постапка – предложен од пратениците Арбана Пашоли, Арбен Зибери, Арбер Адеми, Арта Биљали-Зендели, Бајрам Кадрија, Бедри Фазли, Берат Ајдари, Вјолца Адеми, Љатифе Шиковска, Марија Георгиевска, Мерита Колчи Коџаџику, Рина Ајдари, Фиснике Бектеши Шаќири и Халил Снопче. Претседателот на Собранието, Талат Џафери ги задолжи собраниските Комисијата за транспорт, врски и екологија и Законодавно-правно комисија да расправа по овој предлог-закон.
Координаторот на пратеничката група на Демократската унија за интеграција и еден од предлагачите, Арбер Адеми истакна дека Предлогот на законот е овозможување на ефикасно работење за државните патишта како градба која што е предвидена со Законот за јавен интерес и номинирање на стратешки партнер за имплементација на проектот за изградба на инфраструктурниот Коридор 8 (делница: Тетово – Гостивар – Букојчани и проектот за автопатот Требеништа – Струга – Ќафасан) и Коридорот 10 д (делница на автопатот Прилеп– Битола) во Република Северна Македонија, по скратена постапка.
Во процедурално обраќање координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Мицевски истакна дека нивната пратеничка група повикува и апелира овие закони да се повлечат, да се организира јавна расправа на која што сите засегнати страни пред се експертската јавност ќе даде свое мислење и аргументи и врз основа на тоа Владата ќе направи заклучоци според кои ќе делува во иднина. Ги повика пратениците од власта да не гласаат за потребата од овој дневен ред.
Јован Митрески, координатор на пратеничката група на СДСМ процедурално истакна дека ова што се прави во Собранието е со единствена цел да се наштети на угледот на најголемиот инфраструктурен проект во последните 70 години во државата.
Пратеничката на ДОМ, Маја Морачанин потенцира дека нема дилема оти овие инфраструктурни проекти се потребни, во интерес на граѓаните и државата, но, таа побара овие закони да бидат повлечени од дневниот ред.