Повлечени од Собрание измените на Законот за културно наследство

од Nikola Popovski
138 прегледи

Група пратеници од ДУИ, дел од предлагачите на измените на Законот за културното наследство, го повлекоа предлогот кој беше дел од пакетот законски измени кои Собранието ќе ги разгледува по скратена постапка со цел да се олеснат процедурите на компанијата „Бехтел и Енка“ која треба да ги гради автопатите од коридорите 8 и 10д.

Одлуката е донесена откако координаторот на пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ најави дека тие нема да гласаат за дневниот ред и побара повлекување на сите предложени измени.

Претходно пред Собранието, Македонското археолошко друштво (МАД) организираше протест поради гласањето на измените на Законот за заштита на културното наследство, кои завршија во собраниска процедура.

-Со предлогот на група пратеници за измена на Законот за заштита на културното наследство, поради изградбата на автопатите од Коридорот 8 и Коридорот 10г, се овозможи несовесно законско уништување на културното наследство, реагираа МАД.

Археолозите велат дека се работи за дрзок предлог на група пратеници со кој целосно се заобиколуваат Министерството за култура, Управата и надлежните институции за заштита на културното наследство.

Собранието ќе продолжи да гласа за измени на осум закони, како оној за земјоделско земјиште, за експропријација, за урбанистичко планирање, за минерални суровини, за работни односи, како и за именување стратешки партнер за реализацијата на проектот за изградба на Коридорот 8 и Коридорот 10-д.

Владата го назначи вицепремиерот Артан Груби за главен координатор за изградба на Коридорот 8.

Слични содржини