Тримесечното бело тигарче кое пред шест седмици во лоша состојба беше напуштено пред Зоолошката градина во Атина, и покрај напорите на ветеринарите во изминатиот период, не успеа да се излечи,а поради сериозните здравствени проблеми, евтаназијата беше единственото решение, јави дописничката на МИА од Атина.
-Малата Хасија денеска безболно си замина во просторот каде што живееше во изминатиот период и меѓу луѓето кои се грижеа за неа, ја сакаа и многу се врзаа за неа во текот на овие 6 седмици, соопштија од „Атика парк“, Зоолошката градина во Атина.
На крајот на февруари, малото тигарче било пронајдено во ѓубрето пред Зоолошката, без притоа да биде познато кој и зошто го оставил.
Вработените веднаш се погрижиле за тримесечната женка која го добила името Хасија и во изминатите шест седмици освен што се грижеа за неа, се обидоа да спасат и преку низа испитувања и анализи да ја излечат.
Резултатите од испитувањата биле испратени и до специјализирани центри во Европа, Америка и Африка за да се разгледа можноста животното да се пренесе во некој од нив за понатамошно лекување, меѓутоа одговорите биле негативни.
Паралелно, Министерството за животна средина на Грција формирало 12-член комитет од грчки ветеринари, кој дал своето мислење врз основа на медицинските податоци.
-За жал, сериозните, неизлечиви и болни генетски проблеми, некомпатибилни со елементарен квалитетен живот и благосостојба, ги одведоа и грчките ветеринари членови на комисијата, но и странските експерти, едногласно да препорачаат до надлежните органи дека евтаназијата е единствената опција, како што често се случува кога животното страда без да постои надеж за подобрување, соопштија од „Атика парк“.
Евтаназијата била извршена по наредба на властите и во присуство на ветеринари од периферијата.