Официјални лица на Пентагон велат дека истекувањето на строго доверливи воено разузнавачки податоци со доверливи детали за американските национални безбедносни интереси од Украина преку Блискиот Исток до Кина, објавени на социјалните мрежи, претставува сериозен ризик за безбедноста на САД. Се наведува дека документите се форматирани на сличен начин како и извештаите кои се доставуваат до високите функционери. Ова може да биде најштетното објавување на информации од американската влада од скандалот со Викиликс во 2013 година. Некои од документите се стари и до шест недели, но импликациите се огромни. Би-Би-Си веќе имала увид на повеќе од 20. Тие вклучуваат детални извештаи за обуката и опремата што ѝ се обезбедува на Украина додека земјата формира десетици нови бригади во подготовка за офанзива што би можела да започне во следните неколку недели.
Според една теорија, зад истекувањето стои незадоволен вработен во американската разузнавачка агенција, додека други тврдат дека „кртот“ активно сакал да ѝ наштети на американските безбедносни интереси. За поранешниот македонски амбасадор во Вашингтон, Васко Наумовски вакво протекување на документи претставува сериозен предизвик за начинот на кој што се одвива комуникацијата меѓу НАТО сојузниците. Тој во разговор за „Локално“ вели дека веројатно ќе се направи обид да се пронајде изворот на овие информации и начинот на нивното протекување до јавноста или спротивната страна во руско-украинскиот конфликт.
-Документите покажуваат до кој степен се вклучени сојузниците во конфликтот меѓу Русија и Украина и истовремено ова ќе се искористи за дополнителна политичка конфронтација меѓу Русија од една страна и Украина и нејзините сојузници од друга страна. Ова е еден сериозен удар на националната безбедност на државите членки на НАТО и во тој контекст ќе се премине кон зајакнување на безбедносните стандарди. Ова ја отвора можноста да се преиспита и до кој степен се вклучени руските разузнавачки служби во безбедносните структури на државите-членки на НАТО. Оттука очекувам дека ќе се зајакнат сите стурктури кои што се одговорни за комуникацијата во НАТО, смета Наумовски.
Оценува дека како и во многу претходни прилики, се прават обиди за нарушување на НАТО сојузниците и ова е само еден дел од тие напади.
-Верувам дека НАТО како структура и нејзините најважни членки ќе најдат соодветен одговор, односно ќе се зајакнат аспектите кои што значат одржување на единството. И во иднина може да се очекуваат вакви обиди за нарушување, порачува поранешниот амбасадор.
Наумовски очекува Русија ова да го искористи како прекршување на директна вклученост на САД, иако, како шо вели, во самата постапка за објавување на документите, бевме сведоци дека некои од документите беа дополнително адаптирани со цел да се намалат загубите на руска страна, во спротивност со проценките од НАТО сојузниците.
-Со настапувањето на поповолните временски услови, сметам дека секако се очекуваше да се разгори фронтот во Украина. Ова ќе придонесе и за разгорување на реториката меѓу Русија и сојузниците во НАТО, ни вели Наумовски.
Соговорникот посочува дека секоја држава која е членка на НАТО е одговорна за одржување на единството и свој придонес кон заедничките операции на НАТО.
-Во оваа ситуација на конфликт, многу земји се исправени пред предизвикот до кој степен тие ќе се вклучат во помошта на Украина, знаејќи дека во еден дел од државите-членки на НАТО, особено се силни политичките структури кои што даваат отпор на поддршката на Украина. Верувајќи од тие структури или поврзани со други центри на моќ, ова ќе се искористи за заострување на нивната реторика и ќе се направи обид за забавување или оневозможување на поддршката која што нивните држави ја даваат за Украина. Сепак мислам дека ќе надвладее чувството на единство и усогласување со заедничките политики, заклучува Наумовски.
Н.П.