Србија, единствената земја во Европа која одби да ја санкционира Русија за нејзината инвазија на Украина, се согласила да испорача оружје на Киев или веќе го испратила, се наведува во доверлив документ на Пентагон во кој „Ројтерс“ имал увид.
Документот, резиме на одговорите на европските влади на барањата на Украина за воена обука и „смртоносна помош“ или оружје, беше меѓу десетиците доверливи документи објавени на интернет во последните неколку недели, што може да биде најсериозното откривање на американските тајни во последните неколку години.
Насловен „Европа – одговор на тековниот руско-украински конфликт“, документот во форма на графикон ги наведува „проценетите позиции“ на 38 европски влади како одговор на барањата на Украина за воена помош.
Графиконот покажал дека Србија одбила да обезбеди обука за украинските сили, но ветила дека ќе испрати смртоносна помош или веќе ја доставила. Беше наведено и дека Србија има политичка волја и воена способност во иднина да ѝ обезбедува оружје на Украина.
Документот ја носи ознаката SECRET и NOFORN, кој забранува дистрибуција на странски разузнавачки служби и војската. Истиот датира од 2 март и е втиснат со печат на канцеларијата на Здружениот началник на штабовите.
„Ројтерс“ не можеше независно да ја потврди автентичноста на документот.
Кабинетот на српскиот претседател Александар Вучиќ и украинската амбасада не одговорија веднаш на барањето на „Ројтерс“ за коментар.
Пентагон, исто така, не одговори на прашањата на „Ројтерс“ за референцата на документот и претходно одби да коментира за кој било од документите што протекоа на социјалните мрежи.
Српските васти се прогласија за неутрални кога станува збор за војната во Украина и ги истакнаа длабоките историски, економски и културни врски на земјата со Русија.
„Ако овој документ е вистинит, тој или ја покажува дволичноста на Вучиќ во однос на Русија или тој е под огромен притисок од Вашингтон да испорача оружје на Украина“, рече Јануш Бугајски, експерт за источна Европа во Фондацијата Џејмстаун, институт за надворешна политика.
Американското министерство за правда го истражува истекувањето на податоците, додека Пентагон ја проценува штетата за националната безбедност на САД.
Во март Москва објави дека побарала од Белград официјално објаснување за наводните испораки, изјави портпаролката на руското министерство за надворешни работи, Марија Захарова, за државната новинска агенција ТАСС.
Производителот на оружје „Крусик“ од Ваљево негираше дека испратил ракети или друго оружје во Украина. Вучиќ ги нарече тие наводи „озлогласени лаги“.
„Не извезовме никакво оружје или муниција во Русија или Украина“, рече тој за време на посетата на Катар на 5 март.