Верниците пред полноќ во црква, потоа во кафеана: „Денот е за во храм и служба, „велигденското кафе“ е навреда за преданието на верата

од Nikola Popovski
397 прегледи

Православните верници ги прават последните подготовки пред вечерашното прославување на најголемиот христијански празник – Велигден. Вечерва се оди во црква каде што секој носи црвено јајце. На полноќ сите присутни со песната „Христос воскресе“ трипати ја обиколуваат црквата. Во црквата се останува за големата литургија, а потоа се причестуваат, се кршат со јајцата и се омрсуваат.

Сепак постои неславна традиција, претежно кај помладите, по одењето во црква или стоењето околу неа, да ги посетат кафулињата и кафеаните, каде што доаѓа до опивање и прејадување, а забавата со музика да трае до раните утрински часови.

Свештените лица ги критикуваат ваквите постапки. Отец Бобан Митевски од Скопската епархија при МПЦ вели дека не е смислата на Велигден само да се искружи околу црквата, туку да се остане до крај на службата. Тој во разговор за „Локално“ ги охрабрува сопствениците на кафулиња и кафеани тој ден да не работат и тоа да биде нивен подвиг и придонес кон верата.

Отец Бобан Митевски

-Да не ги девалвираме празниците со нивно сведување на некаков минимум од тоа што треба од себе да го испорачаме како подвиг и сведоштво. Т.н. велигденско кафе, како некаква современа традиција, е навреда кон преданието на верата. Денот е за во храмот, за на служба, време за кафе со пријателите ќе имаме, порачува отецот.

Истакнува дека Велигден е само за радост во заедницата на верниците коишто се собираат и молитвено присуствуваат во храмовите на богослуженијата.

-Ниедно друго место, ниту едно друго заедничарење нема смисла и не може да го поврземе со празнувањата. Не е потребата да се причестиме по секоја цена, туку и да се подготвуваме со пост, кога се пости, со исповед, покајание, присуство на богослуженијата, молитвен живот, борба со страстите, ни вели отец Бобан.

Во однос на тоа иако Велигден е еден, секој крај во Македонија како да си има свои „правила“ за празнување, свештеното лице објаснува дека правилата или обичаите ако не произлегуваат од богослужбениот контекст на православната вера, тогаш или се остаток на паганизмот или некаква новотарија.

-Она што произлегува од верата и е востановено од Црквата е уникатно и секаде застапено како правило на почитување и однесување. Всушност, недуховните содржини, кои го мотивираат телесното и ставаат повеќе акцент на истото, не може да се составен дел од ниедно празнување на верскиот живот. Богослужението и заедничката трпеза на верниот народ, помината во достоинствено и културно однесување, во воздржание, се тоа што секогаш било начин на празнување на празниците, посочува соговорникот.

На прашањето дали забележува намалување на бројот на верници и посета на црквите, во споредба со едни поранешни времиња, во пресрет на Велигден, отец Бобан смета дека не се работи за намалување, туку поверојатно станува збор за распоредување.

-Имено, со усвојувањето на законот за неработни денови пред десетина години, кога и Велики Петок стана неработен за православните, се создаде ситуација да се поврзе неколкудневен слободен период. Тоа овозможи верниците да патуваат по родните краишта, па така храмовите по тие места се посетувани во овој период. Секако, има и такви кои ја користат оваа можност да патуваат во странство, што не е многу прикладно, ниту логично. Треба да го користиме допуштеното слободно време за да ги празнуваме празниците, учествувајќи на богослуженијата и живеејќи светотаински православен живот, вели отецот.

Н.П.

Слични содржини