Пратениците во Европскиот парламент денеска на пленарна седница ја изгласаа одлуката за визна либерализација за Косово. Ова беше последниот чекор кон укинување на визите за граѓаните со косовски пасоши.
Во пракса, тоа ќе значи дека ќе може да се патува и престојува во Европската унија до 90 дена во кој било период од шест месеци со пасоши издадени од властите во Приштина.
Останува уште официјалното потпишување кое веќе е објавено на веб-страницата на Европскиот парламент. Како што се наведува во текстот, одлуката за визна либерализација ќе ја потпишат претседателот на Европскиот парламент и претставникот на шведското претседателство. Тaa треба да стапи во сила кога и ETIAS – Европски систем за информации и овластување за патување, но секако не подоцна од 1 јануари 2024 година.
Пред речиси десет години Европската комисија даде зелено светло, односно даде препорака и на другите инстанци на ЕУ да воведат визна либерализација. Од тој момент, Европскиот парламент ја поддржува. Меѓутоа, онаму каде што настана ќор-сокакот е на ниво на земјите-членки. Се шпекулираше дали станува збор за земји кои не го признаваат Косово како независно, некои споменуваат земји како Холандија, Франција поради некои други причини.
Но, сите тие сомнежи беа отстранети во ноември годинава, кога беше договорен текстот на договорот за визна либерализација и зелено светло од сите членки.