Јавното претпријатие за државни патишта објави оглас за привремено вработување на работници за проектот за изградба на четирите автопати на изведувачот „Бехтел и Енка“ на Коридорот 8 и 10д. Вработувањата ќе траат до завршувањето на проектот, односно до 22 јануари 2028.
Според огласот, ЈПДП ќе ангажира работници според нивниот правилник, а тоа значи работна недела од 40 часа неделно, а не како што било договорено со „Бехтел и Енка“ за 60 часовна работна недела.
Основна плата од 70.052 денари ќе заработува градежен инженер со осум часа дневно во прва смена ако конкурира и биде избран на огласот за помошник на главниот координатор на проектот. Тој мора да има најмалку шестгодишно искуство во струката.
Се бара и еден координатор на единицата за подготовка на проектот. Тој ќе треба да има завршено на некој од факултетите за општествени науки, ќе работи 40 часа неделно и ќе добива нето-плата од 60.005 денари. ЈПДП има потреба и од еден координатор „на единицата за техничка изведба на проектот“, кој треба да биде градежен инженер за 65.029 денари.
Се бараат и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари. За истата плата се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование.
Се бараат и четворица специјалисти што се разбираат во експропријација на имот, а при тоа треба да имаат завршено факултет од општествените науки. И за нив ќе важи истото работно време, а ќе добиваат основна плата од 45.045 денари. Се бара и по еден преведувач и по еден „известувач“ за проектот. Треба да имаат какво било високо образование. Ќе работат од понеделник до петок по 40 часа и ќе добиваат исто така плата од 45.045 денари.
Меѓу другото се бараат и двајца администратори кои може да имаат средно образование, а ќе добиваат нето плата од 30.000 денари. За истата плата се бараат и двајца возачи со најмалку средно образование.
Огласот ќе трае до 25 април, а директорот на ЈПДП ќе формира комисија која ќе треба да ги селектира кандидатите. Изборот може да трае од 45 до 120 дена, во зависност од тоа колку кандидати ќе се пријават, што може да се види и на линкот објавен на 13 април на веб-страницата на јавното претпријатие.
Со Договорот со „Бехтел и Енка“ што беше потпишан на 8 март годинава, ќе се градат четири автопатски делници во должина од 108,8 километри. Вредноста на проектот е 1,3 милијарди евра, без парите за експропријацијата и проектирање.
Првичните пресметки покажуваат дека делницата Тетово – Гостивар во должина од 17,5 километри чини 125 милиони евра, Гостивар – Букојчани (30,3 километри) 560 милиони евра, Требеништа – Струга – Ќафасан (21,7 километри) 360 милиони евра, а Прилеп – Битола (39,4) 260 милиони евра. Автопатските делници ќе бидат со по три ленти и широки по 10,7 метри со зеленило. Просечната цена по километар треба да изнесува 12 милиони евра.
Стартни активности за проектот, од ЈПДП најавија за 22 април годинава на делниците Тетово – Гостивар и Прилеп – Битола.
Како што образложија од Министерството за транспорт и врски на церемонијата на потпишувањето на Договорот, цените се поткрепени врз основа на физибилити студија изготвена од Градежниот факултет, а ревидирана од консултантската компанија „Гранд Тортон“. Договорот со изведувачот е изготвен согласно принципот на ФИДИК договорите, односно според принципот на измерени количини. Тоа значи дека плаќањата ќе се вршат според реализираните работи на терен.
За правен трансакциски советник и надзор за проектот е избран конзорциумот ИРД, а по објавените сомнежи во јавноста за компании кои се дел од овој конзорциумот Државната комисија за спречување корупција отвори предмет.