Германците објавија скандалозно „интервју“ со Шумахер: „Можам да стојам, не би преживеал без семејството“

од Stefanija Kuzmanovska
284 прегледи

„Светска сензација, прво интервју со Михаел Шумахер“, тоа е насловната страница на германскиот неделник Die Aktuelle. Но, се испостави дека всушност немало интервју со легендарниот Формула 1 возач.

Зад целата акција стои лажен разговор во кој уредниците на магазинот Die Aktuell со помош на вештачка интелигенција формулирале одговори на прашањата од интервјуто.

„Мојот живот целосно се промени. Децата и сопругата ми се благослов, не би можел без нив“, вели „Шумахер“ во интервјуто и додава:

„Со помош на мојот тим можам повторно да стојам, па дури и полека да одам. Можеби ситуацијата не е иста како порано, но тоа не ме спречува да се борам“.

Дури на крајот од текстот се додава дека интервјуто е објавено со вештачка интелигенција.

Читателите се револтирани од ваквото „известување“ и оваа постапка на неделникот ја сметаат за крајно непримерна, а слично реагираа и германските медиуми.

Инаку, поминаа речиси десет години од тешката несреќа на скијање во која настрада легендарниот возач и седумкратен шампион во Формула 1, Михаел Шумахер (54), додека скијаше на француските Алпи. Несреќата се случила на 29 декември 2013 година, откако Михаел, кој е искусен скијач, залутал од патеката, паднал и со главата удрил во карпа. Шумахер е тешко повреден, а од сигурна смрт го спасила кацигата која ја носел.

По несреќата тој речиси шест месеци беше во медицински индуцирана кома. Од 2014 година, кога беше префрлен во семејниот дом на рехабилитација, семејството Шумахер се повлече од јавноста за да ја заштити неговата приватност. Неговите многубројни обожаватели десет години се обидуваат да дознаат информации за неговото здравје, надевајќи се на најдоброто, а сите информации се чуваат строго доверливи.

Слични содржини