Меѓу низата забелешки во однос на Договорот за изградба на коридорите 8 и 10, поранешниот член на Антикорупциската комисија Вања Михајлова ја посочува како ислучително спорна недоволната транспарентност.
Алармира дека директниот договор кој го заменува процесот на јавна набавка остава простор за широка корупција, но е и негативен сигнал дека многу од законите не важат за нашите компании кои ја вршат истата дејност како и странските.
„Се работи за многу големи пари што можеби нема да биде ни конечна сума. Од друга страна не ми е јасно како е дојдено до тој износ“, рече Михајлова.
Коментирајќи ги реакциите дека и покрај големиот број откриени големи злоупотреби на јавни пари од страна на државните ревизори, останува впечатокот дека никој не одговара , поранешниот антикорупционер наведува неколку предлози за надминување на ваквата состојба.
Според Михајлова, во измените на Законот за ревизија би требало да има и предлог на наодите од Ревизијата, Обвинителството и Финансовата полиција да им дадат приоритет при постапување, но и Државниот завод за ревизија да се засили со кадровски потенцијал и посебен правен тим за поднесување кривични пријави.
„Она што можеби треба во измените е да се даде обврска на Обвинителството и другите надлежни органи, да го известуваат Државниот ревизор до каде се со постапките, да има своевиден фитбек а не да се чека информација со години, да се прибираат податоци од разни институции“, вели Михајлова.
Договорот за изградба на Коридорите предизвика голем број реакции. Според Владата, неговата тајност е во интерес на јавноста, но според одредени укажувања, постојат сомнежи за можни штетни инпликации врз буџетот.Каков е вашиот коментар?
-Ова многу ме потсетува на договорот склучен во четири очи со ОКТА. Јавниот интерес е побитен од се и не смеат да постојат тајни клаузули со кои се штити странска компанија наместо државата.Нас ова веќе неколку пати ни се случува. Кога ќе се склучи директен договор, а не преку процес на јавна набавка, секогаш има широк простор за корупција. Во овој случај, се дерогира целиот правен систем. Гледате дека многу закони не важат за нашите компании кои ја вршат истата дејност како и странските. Затоа треба транспарентност. Се работи за многу големи пари што можеби нема да биде ни конечна сума. Од друга страна не ми е јасно како е дојдено до тој износ. Има многу работи кои се косат со законите, праксата, со еднаквоста на фирмите и граѓаните, како што е тоа со законот за работни односи, законот за експропријација и.тн.
Ги споменавте јавните набавки кои исто така се многу често во фокус на интересот на нашата јавност. Законот кој ја регулира оваа проблематика е еден од законите со досега најмногу направени измени.Дали успеавме да ги намалиме злоупотребите?
-Измените на Законот се прават заради усогласување со директивите на ЕУ, и тоа посебно таму каде што се очигледни празнини и вакуум што некој добро го користи. Но основна е политичката волја за примена на Законот и почитување на процедурите. Имаме одлична легислатива но проблем е примената. Постоечкиот закон не е лош ако наместо на директни преговори се форсира конкурентност за да се добие најдобрата понуда што е всушност и целта.
Како тогаш повторно се соочуваме со постапки за кои постојат отворени сомневања, но и сериозни обвинувања за коруптивни зделки?
-Затоа што никој не одговара. И Обвинителството ако е поекспедитивно и целиот правосуден систем ако не се одложува судења, нема да има корупција барем не во овој обем. Секаде се почнува со казнување. Со одговорност на луѓето кои се на врвот се намалува коруптивноста .Тоа е пораката, дека коруцијата не се исплаќа, а кај нас тоа за жал не е така.
Поефикасна борба против корупцијата треба да испорача и новиот Закон за ревизија . Меѓу другото, тој треба да се овозможи подобро следење на резултатите од ревизиите, поголема независност во раководењето на институцијата како и пропишување на постапка за избор на главен и заменик државен ревизор. Дали и во кои сегменти Законот може и треба да биде потранспарентен?
-Во последниве години од кога Максим Ацевски е главен државен ревизор, транспарентноста е зголемена. Тој на пример, ги презентира ревизорските извештаи во Собрание, а порано не се ни читаа. Она што во законското решение можеби недостасува е на посебни прес конфернции да се образложи Годишниот извештај и некои поспецифични наоди од ревизиите каде се злоупотребени големи средства. Но ова не мора да биде уредено со Закон туку да биде принцип на работа. Друго што недостасува е што при изборот на Главен државен ревизор и заменик главен државен ревизор, во критериумите се бара да имаат седум години искуство од правна или економска област што според мене е многу широко. Ревизијата е толку специфична работа, толку многу во неа се бара стручност и компетентност, што да ставите било кој што има седум години искуство во оваа област е недоволно. Среќа што сегашниот Главен државен ревизор произлегува од оваа куќа, го има положено ревизорскиот испит и работел како ревизор но ако се можни измени, тогаш би требало во критериумите, покрај искуството да се бара личноста да има положено ревизорски испит, да има искуство од Ревизија, финансиска инспекција, работа во однос на финансиите.. Ако сакате да имате компетентна личност, критериумите мора да бидат построги. Сегашниот Главен државен ревизор произлегува од таму, и сметам дека од Тошевски до сега , Ацевски ни е најсоодветната личност во државата.
Меѓу одредбите во нацрт Законот се предвидува и поголема финансиска, оперативна и организациска независност на државните ревизори како и неограничен пристап до информации.
-На Државниот завод за ревизија повеќе му недостига кадровски потенцијал и можеби посебен правен тим за поднесување кривични пријави. Да не биде како досега само презентација на извештајот и потоа АКО Обвинителството поведе постапка, а гледаме дека Обвинителството многу бавно реагира.Една од забелешките која се провлекува со години е дека немаме доволно правници кои би ги изготвувале тие прекршочни или кривични пријави. Од таму она што им е потребно( Државен завод за ревизија) е кадровско засилување а во измените би требало да има и предлог, на наодите од Ревизијата, Обвинителството и Финансовата полиција да им дадат приоритет при постапување.
Кои мерки им стојат на располагање на ревизорите по однос на констатираните наоди, дали тие треба да пријават до обвинителството сомнеж за кривично дело?
-Ревизорите можат да иницираат прекршочна постапка, но кривичната постапка се знае дека е во рацете на Судовите и Обвинителството. Секој ден слушаме дека Ревизијата открива големи злоупотреби на финансиски средства. Тоа е многу повеќе јавен интерес отколку поединечни кривични дела. Обвинителот треба да покрене постапка а судот да уврди дали е тоа така. Работа на ревизијата е да констатираат неправилности, тоа да го процесуираат, да бараат тоа што сега фали во Законот, нивниот наод да има приоритет и да бидат информирани до каде е постапката. Државната ревизија е многу значаен орган кој како стручна институција ужива најголем углед во државата. Со години се зборува дека нема доволно правници кои би ги изговиле овие пријави па од таа причина им треба кадровско засилување, просторно не, за да можат во целост да си ја вршат функцијата.
Досега се откриени големи злоупотреби на јавни пари но се чини дека никој не одговара за тоа. Како извештаите да добијат на тежина, на важност?
-Ова не е допрен глас. Ревизорите се многу компетентни луѓе кои ја знаат проблематиката.Нивните извештаи и наоди не се туку така напишани, тие се многу стручни извештаи и имаат своја тежина..Она што можеби треба во измените е да се даде обврска на Обвинителството и другите надлежни органи, да го известуваат Државниот ревизор до каде се со постапките, да има своевиден фитбек а не да се чека информација со години, да се прибираат податоци од разни институции..Ревизорските извештаи имаат посебна тежина токму поради висината на средствата злоупотребени од страна на луѓе кои се во таква позиција.
К.В.С.