Промоција на романот „Отуѓување” ќе се одржи на 25. Април (вторник) во Домот на АРМ во Скопје со почеток во 19.00 часот. Во рамките на Промоцијата ќе биде обележен и „Светскиот Ден на борбата против отуѓувањето“.
„Романот „Отуѓување” раскажува за една безгранична татковската љубов кон своето чедо, која разобличува, разголува и се бори против еден од најстрашните процеси на психичко и емотивно чедоморство, отуѓувањето на децата од едниот родител.
„Отуѓување” урива една повеќедецениска табу-тема во нашето општество, рецидив од минатото засилен со штетните „нус производи” на современиот начин на живеење, пред сé зголемениот број на развоводи на брак.
„Отуѓување” открива што се крие зад стереотипот „примарни и секундарни родители” создаван и негуван со децении инкогнито од стручните служби и раководните кадри во социјалните институции.
„Отуѓување” фрла светлина врз оваа мрачна и љубоморно таена и чувана појава од истите тие служби и низ сатира а на места и со сарказам и иронија го обелоденува тој нивен однос, таа нивна силна „потреба” за неработење и непостапување по закон на што се обврзани токму по закон, а за што се платени со пари на граѓаните.
„Отуѓување” го посочува тој индолентен, нестручен, лаички, испартизиран и непрофесионален однос на носителите на социјалните грижи и заштита како главен виновник што појавата на психичкото злоставување на децата зема загрижувачки размери, а со цел да не се наруши комодитетот и лагодноста на нивните комфор – зони, уживањето во бенефитите и привилегиите кои ги носат нивните „работни” фотелји, доверени и платени со парите на граѓаните…
За крај „Отуѓување” со пишан збор ги „слика” прекрасните, волшебни моменти исполнети со длабоки емоции и чувства, моменти на заемна љубов на еден родител и неговиот син пред процесот на отуѓување да успее да ја уништи таа нивна силна емотивна врска, се вели во најавата за настанот“.