Претседателот Стево Пендаровски денеска укажа дека нашата земја нема да зазема страна во спорот меѓу Србија и Косово. Според него, Република Северна Македонија има и ќе продолжи да има еднаков однос кон Србија и Косово.
-Ги признаваме двете држави и имаме амбасади во двете држави, имаат и тие амбасади отворени кај нас. Немаме намера да заземаме страна, но ако некој сака да погледне во искуството кое ние го имаме, во однос на Охридскиот рамковен договор, мислам дека нема да погреши, затоа што спецификите на секоја држава, диктираат и специфички решенија. Не велам дека решенијата од Рамковниот договор да се пресликаат во иден договор меѓу Србија и Косово, но има модели кои можат да бидат искористени. Финалната одлука е на легитимните органи во Белград и Приштина. Ние сме само добри комшии кои сакаат што е можно поскоро да видат крај на овој долг спор кој објективно ја успорува регионалната соработка, кажа Пендаровски на заедничката прес-конференција со неговата косовска колешка, Вјоса Османи.