На планината Водно денеска повторно се појавија багерите, на местото каде што пред две години започнаа градежни активности за објект. Според објавеното видео на социјалните мрежи, механизација има над улицата „Питу Гули“, до озлогласените „Плацеви на Водно“.
-Покрај сите ветувања, забрани, укинати ДУП-ови, пријави за абнормални пропусти при издавањето на градежната дозвола, при што најочигледната е немањето пристап – узурпаторски – низ шумата господата денес дојдоа. Грозен ден – граѓаните повторно оставени сами да се соочуваат со агресивни, некултурни и против-законски дејствија, стои во објавата, која е директно насочена кон општина Центар.
Жителите на улицата „Питу Гули“ пред две години се организира да го бранат Водно од најновата градба во најава, за која Општина Центар има издадено градежна дозвола за објект А0-куќа, а поради што стравуваат дека со нејзината изградба ќе се урне целиот рид.
Градежните инспектори од општина Центар уште тогаш при инспекцискиот надзор на лице место утврдиле дека инвеститорот „Маркеза“, поднел барање за издавање на дозвола за градење на 17.12.2020 година, додека градежната дозвола му била издадена на 7.4.2021, а таа станала правосилна на 8.6.2021 година и била потпишана од страна на поранешниот градоначалник на Општина Центар, Саша Богдановиќ.