Претседателот на Турција, Реџеп Тајип Ердоган, поради здравствени причини ги откажа предизборните активности планирани за денеска, откако неговиот кабинет потврди дека интервјуто во живо накратко било прекинато поради стомачни проблеми на шефот на државата.
„Денеска ќе одморам дома, по советите на лекарот“, напиша Ердоган на Твитер, пренесе „Ројтерс“.
Интервјуто на турскиот претседател, кое во вторникот беше емитувано во живо на телевизија, беше накратко прекинато поради стомачни проблеми на Ердоган.
Ердоган рече дека интензивната изборна кампања му предизвикала стомачни проблеми, откако синоќа по неколку минути се врати на продолжението на интервјуто на Канал 7 за да одговори на уште едно прашање, објави „Блумберг“.
На 14 мај во Турција се одржуваат парламентарни и претседателски избори.