Канческа-Милевска очекува да биде ослободена за случајот „Тендери“, тврди дека не ја повредила службената положба

од Nikola Popovski
170 прегледи

Во своите завршни зборови за случајот „Тендери“, во Основниот кривичен суд Скопје, првообвинетата Елизабета Канческа-Милевска образложувајќи дел од доказите од доказната постапка, посочи дека истите не докажале дека се точни наводите на обвинението.

Според неа, не се докажало дека се точни наводите на обвинението дека е сторена повреда на службената положба и овластување.

– Врз основа на целокупниот доказен материјал кој беше изнесен, се докажа дека кривичното дело „злоупотреба на службената положба и овластување“ не сум го сторила, ниту пак истото можело да се стори од кој било аспект, онака како што е произволно наведено во обвинението, рече поранешната министерка за култура.

Второобвинета во случајот е Лидија Лазарова-Цветковска.

Судењето за овој случај го води судијата Осман Шабани, а застапник на обвинението е јавниот обвинител Стевчо Донев.

Според обвинението поднесено од пораншното СЈО, во временскиот период од јуни 2011 г. до 05.08.2011 г., во Скопје, првообвинетата Е.К.М. како службено лице министер и вработените во Министерството – службените лица второобвинетата Л.Л.Ц. како член на Комисија за јавни набавки и третообвинетата Ј.У. како претседател на Комисијата за јавни набавки, со искористување на своите службени положби и овластувања, при вршење на јавни набавки, како соизвршители прибавиле за економскиот оператор ГТД Б. Ш. АД Ш. корист што се состои од незаконско повластување – фаворизирање за изведување на завршни градежни и градежно-занаетски работи на објектот Музеј на македонската борба за државност и самостојност – „Музеј на внатрешната македонска револуционерна организација и Музеј на жртвите на комунистичкиот режим” во Скопје.

Слични содржини