Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија, Талат Џафери, денеска оствари средба со претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, која престојува во дводневна официјална посета на земјава. На средбата присуствуваа потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски и претседателот на Пратеничката група за соработка со Собранието на Косово, Африм Гаши.
Претседателот Талат Џафери упати честитки за визната либерализација со Европската унија, со која граѓаните на Косово ќе можат слободно да патуваат во земјите на ЕУ и оцени дека одлуката е од суштинско значење за интеграцијата на Косово во ЕУ. Тој изрази задоволство од одличните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово на сите полиња и големиот интензитет на меѓусебни средби на високо политичко ниво. Пријателските односи се пресликани и во плодната и фреквентна соработка на Собранието на Република Северна Македонија и Собранието на Република Косово меѓу претседателите на двата законодавни дома, комисиите и групите за пријателство и соработка.
Претседателот на Собранието на Република Северна Македонија нагласи дека принципиелно ги подржуваме евро-атлантските аспирации на Република Косово и подготвени сме да ги пренесеме стекнатите знаења и искуства на тој план. Истакнувајќи дека двете земји се активни учеснички во Берлинскиот процес, тој информираше дека Собранието на Република Северна Македонија ги ратификуваше трите договори за меѓусебно признавање на личните карти, универзитетските дипломи и професионалните квалификации меѓу земјите од регионот.
Џафери го поздрави постигнатиот договор за прифаќање на предлогот на ЕУ за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија и нагласи дека како претседавачи со ОБСЕ, сме подготвени да ја помогнеме имплементацијата на одредени делови од договорот. Информираше дека земјава од 1 јули годинава ќе го преземе претседавањето со Процесот за соработка во Југоисточна Европа, каде што на еднаква основа учествуваат сите земји од регионот.
Претседателката на Република Косово, Вјоса Османи-Садриу, нагласи дека Република Северна Македонија претставува пример и модел за останатите земји од регионот, особено на планот на меѓу-етничките односи. Таа изрази задоволство што од воспоставувањето на дипломатските односи, меѓу двете земји нема отворени прашања и се остварува плодна соработка во бројни области. Истовремено, се заложи за продлабочување на меѓусебната соработка во полето на образованието, културата, здравството, надворешната политика и одбраната.
Претседателката Османи Садриу се заблагодари на континуираната поддршка од земјава за членството на Република Косово во меѓународните организации и нагласи дека поддршката од пратениците на Собранието на Република Северна Македонија ќе биде од големо значење за зачленувањето на Косово во Советот на Европа. Од претседателот Џафери таа побара поддршка и за учество на Косово во Кримската платформа.
Претседателката на Косово упати благодарност за гостопримството укажано во Охрид, за состанокот за Анексот на договорот за нормализирање на односите меѓу Kосово и Србија, но нагласи дека Србија го прекршила овој договор со спротивставувањето на членството на Косово во Советот на Европа.
Џафери и Османи Садриу се осврнаа на економската соработка меѓу двете земји, како и потребата за заокружување на инфраструктурното поврзување и подобрувањето на капацитетите на граничните премини, со воведување на концептот на заеднички контроли, со што во дополнителна мера ќе се олесни комуникацијата меѓу граѓаните и бизнис заедницата од двете држави.
Соговорниците разменија информации за актуелните случувања во двете земји и се заложија за побрза реализација на договорите постигнати на заедничката седница на Владите на Северна Македонија и Косово.
На крајот на средбата беше изразена надеж дека официјалната посета на претседателката Османи Садриу ќе придонесе за натамошно унапредување на севкупните билатерални односи меѓу Република Северна Македонија и Република Косово.