Нуклеарен напад од страна на Северна Кореја би бил самоубиство на тој режим, изјави американскиот претседател Џо Бајден во Белата куќа со јужнокорејскиот претседател, кому му вети цврста поддршка и одговор на секој нуклеарен напад од Пјонгјанг.
„САД ќе одговорат на секој нуклеарен напад од Северна Кореја“, изјави јужнокорејскиот претседател Јун Сук Јеол на прес-конференцијата во Белата куќа со својот домаќин.
Бајден и Јун ја искористија првата официјална посета на јужнокорејскиот лидер на Белата куќа по повеќе од една деценија за да испратат предупредување до Пјонгјанг.
„Нашите две земји се согласија на итни билатерални претседателски консултации во случај на севернокорејски нуклеарен напад и ветија дека ќе одговорат брзо, сеопфатно и решително користејќи го оружјето на алијансата, вклучително и американското нуклеарно оружје“, рече Јун.
Бајден ја повтори американската понуда до Северна Кореја да води дипломатски преговори за нуклеарната програма, понуда што севернокорејскиот лидер Ким Џонг-ун ја игнорира.