Командант на НАТО силите за Европа: „Украина е во добра позиција за контраофанзива“

од Stefanija Kuzmanovska
135 прегледи

Украинските воени сили ја имаат сета потребна опрема, оружје и муниција за да ја започнат долгоочекуваната пролетна офанзива, изјави командантот на силите на НАТО за Европа, американскиот генерал Кристофер Каволи.

Како што јавува денеска „Гласот на Америка“, украинските власти и нивните западни сојузници не ги кријат своите планови за воена кампања чија цел е да ја заземат украинската територија која сè уште е под руска контрола, додека се погласни се шпекулациите дека офанзивата ќе започне во рок од неколку недела, ако не и порано.

Без оглед на тоа кога ќе започне офанзивата, Каволи, кој е и командант на американските воени сили во Европа, изрази уверување дека украинските сили нема да бидат запрени со недоволни системи за оружје или резерви на муниција.

„Ги завршивме нашите испораки за Украина. Повеќе од 98 отсто од борбените возила се веќе таму“, изјави генералот Каволи пред членовите на американскиот Конгрес во средата.

Одговарајќи на прашања за подготвеноста на Украина за пролетна офанзива, Каволи рече дека е уверен дека материјалите кои им се потребни на Украинците се доставени.

„Ќе ги одржуваме каналите за снабдување за да ги поддржиме нивните воени операции“, рече американскиот генерал.