„Знам да пукам. Можете ли да го замислите насловот „Русите го фатија украинскиот претседател“? Тоа би било срамно“, изјави претседате Зеленски во интервју.
Во првите денови по инвазијата на 24 февруари минатата година, руските разузнавачи се обидоа да упаднат во Киев, но не успеаја да стигнат до улицата Банкина, каде што се наоѓа претседателската канцеларија.
Други руски формации почнаа да ги напаѓаат предградијата на Киев, но не напредуваа далеку. Во градот имаше и обиди за саботажа.
„Да упаднеа, немаше да разговараме сега. Никој немаше да биде фатен затоа што ќе се бореа до крај. До последно“, рече Зеленски.
На прашањето дали има пиштол и дали вежбал со него, тој одговори потврдно.
Во своето традиционално обраќање до јавноста во саботата вечерта, тој ги обвини руските војници дека се виновни за воени злосторства исто како и нивното раководство.
„Не само командантите, туку сите вие, сите сте терористи и убијци и сите мора да бидете казнети“, рече Зеленски.
„Сите кои пилотираат и истрелуваат проектили, кои одржуваат авиони и бродови кои се користат за тероризирање, сите вие сте соучесници во злосторството“.
Изјавата уследи по ракетниот напад врз украинскиот град Уман во петокот, во кој загинаа 23 лица. Меѓу нив, рече Зеленски, имало шест малолетници.
Тој повтори дека треба да се формира специјален меѓународен суд за руските злосторства во Украина по моделот на Нирнбершките процеси против нацистите.