Сериозно и одблизу ги следиме случувањата во правосудството, вели Гир

од Vladimir Zorba
210 прегледи

За Европската Унија, како што кажав, владеењето на правото е фундаментално и ако имате компромитирано судство тоа ќе влијае во иднина на обидите на консолидирана демократија и градење на напредна и развиена економија. Сериозно и одблизу ги следиме случувањата во правосудството. Нема да навлегувам во деталите од Судскиот совет, не сум упатен во нивните дискусии и не би било прикладно да го правам тоа но би го кажал следново – Судскиот совет е многу важно тело, одговорен е за промовирање и одбрана на независноста, интегритетот и професионалноста на судиите и затоа е важно што работи, какви одлуки носи и како се однесува, изјави вечерва евроамбасадрот во земјава Дејвид Гир.

Во однос на работата на Судскиот совет, Гир во гостувањето на ТВ Сител, вели дека многу е важно начинот на којшто работи тој, и, како што рече, во ниту еден момент да не стане предмет на надворешни политички вмешувања или финансиски интереси, зашто ако тоа се случи, според него, тогаш независноста на судиите ќе биде компромитирана, и конечно тоа ќе влијае на правото, генерално.

-Како што кажав, нема да шпекулирам за конкретните случувања во Судскиот совет, тоа е нешто што тие треба да го регулираат, но ќе кажам дека е многу важно, сите членови на Судскиот совет секогаш да дејствуваат со потребното ниво на непристрасност и во интерес и обезбедување независно и професионално судство кое дејствува со интегритет. Не затоа што тоа го бара Европската Унија, туку затоа што е во интерес на граѓаните, рече Гир.

На прашањето за ситуацијата со Советот на јавни обвинители, кои отворија етичка процедура против обвинителка која јавно ја критикуваше нивната работа и укажа дека постојат политички притисоци врз таа институција, вели дека предизвикот е ист и оти тие се одговорни за промовирање и одбрана на независноста, професионалноста и интегритетот на обвинителите и тоа, рече, е исклучително важна улога.

-Во врска со конкретниот случај кој го споменавте, не ги знам деталите не сакам конкретно да го коментирам но би сакал да кажам дека е многу важно ако има свиркачи тие да можат да дејствуваат без страв од последици. Истовремено и свиркачите треба да бидат одговорни, оцени евроамбасадорот.

Во однос на тоа дали земјава се движи во вистинска насока во реформите во правосудството, како што ЕУ очекува, тој повтори дека одблизу ја следат ситуацијата во редовните извештаи за земјава и даваат оценка како сметаат дека се развиваат работите.

-Низ годините гледавме позитивен прогрес. Но, во последните месеци ние сме загрижени, видовме поголем број случаи, скоро како по шаблон на однесување, кои не се конзистентни со она што би го очекувале од земја која води преговори. Што мислам под земја која води преговори? Минатиот јули отворивте преговори за членство со ЕУ и тоа значи поинакви односи со високо ниво на посветеност. И очекуваме да видиме остварување на полето на владеењето на правото во позитивна смисла. И што мислам конкретно под загриженост? Тоа покрива широк спектар на проблеми кои беа и во фокусот на јавноста. Нема да ги коментирам конкретно но ќе споменам области на загриженост – видовме во многу случаи кои се однесуваат на корупција на високо ниво одредени повторувања на однесувањето – со враќање на повторено судење и пресуди, кои влијаат на застарување на случаите. Тоа е загриженост. Можеби има силни оправдувања за тие индивидуални случаи, но целокупната повторувачка пракса е загрижувачка. Исотвремено, гледаме настани во Судскиот совет, со Обвининтелството за организиран криминал и коруоција, и сите тие отвораат прашалници, нагласи Гир.

За ЕУ, додаде евроамбасадорот, овој процес на пристапување ние ќе гледаме на овие прашања многу внимателно, низ микроископ, од денот број еден, до денот на зачленување во ЕУ, и затоа сите овие настани се следени и затоа изразуваме загриженост за сегашниот развој.

Слични содржини