Немаме земено плата. Минатиот пат беше истата како и претходно, вака изјави денеска министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски откако беше запрашан дали добил зголемување на платата, како што претходно одлучи Уставниот суд со одлуката за одмрзнување на платите на функционерите.
Министерот информира дека новата плата се уште не е исплатена.
-Не знам колкава ќе биде. Ќе видам колку ќе стигне. Не знам колку е сега платата по пресметките. Минатата плата ја земавме колку што беше по старо, рече Спасовски во изјава за медиумите.
Со одлуката на Уставниот суд кон крајот на март, за укинување на членот 4 од Законот за изменување и дополнување на Законот за плата и други надоместоци на избрани и именувани лиц, се одмрзнуваат платите на функционерите, кои што од 2014 година беа фиксирани. Досега, нивните плати се одредуваа со коефициент (во зависност од функцијата) кој се множеше со фиксна основица од 26.755 денари.