Конвој од шест камиони на ОН со хуманитарна помош бил ограбен вчера на патот меѓу суданската престолнина и западниот регион Дарфур, додека инволвираните во суданскиот конфликт продолжија да ги бомбардираат спротивставените позиции во Картум, и покрај тековниот привремен прекин на огнот кој истече вчера, пренесоа агенциите.
„Во таква ситуација, на ОН им се потребни договори и многу јавни гаранции од највисоките места, од актерите на суданскиот конфликт, кои ќе овозможат понатамошно безбедно движење на нашиот персонал и залихи“, предупреди Мартин Грифит, претставник на ОН за хуманитарна помош, пренесе „Middle East Monitor“.
Во меѓувреме, Антонио Гутереш, генералниот секретар на ОН, од Најроби изјави дека целата меѓународна заедница мора јасно да им стави до знаење на генералите Абдел Фатах Бурхани, командантот на суданската армија, и Мохамад Хамдан Дагало дека „ситуацијата во Судан е неодржлива“, јавија африканските медиуми. Според Гутереш, ривалските лидери во Судан мора да бидат убедени да се вклучат во политички дијалог. Како, тоа сè уште не е сосема сигурно.
По тој повод, Организацијата за исламска соработка со седиште во Џеда (Саудиска Арабија) објави дека планира да испрати мировна делегација во Картум, со цел да се обиде да стави крај на конфликтот во кој загинаа над 500 луѓе во првите три недели, околу 4900 беа повредени, додека повеќе од 100.000 избегаа во соседните земји без доволно вода и храна со нив.
Пред два дена а непознати напаѓачи упаднале во канцеларијата на културното аташе на Саудиска Арабија во Картум и ја ограбиле, објавија заливските медиуми.
Министерството за надворешни работи на Јужен Судан во вторникот соопшти дека претседателот на таа земја Салва Киир успеал да ги убеди генералите Бурхан и Дагало на најновиот прекин на огнот од денес до 11 мај.