Дали Москва сама го исценира нападот со дронови врз Кремљ? (ВИДЕО)

од Stefanija Kuzmanovska
279 прегледи

Американскиот тинк-тенк Институт за проучување на војната (ISW) објави дека нападот со дронови врз Кремљ „најверојатно бил инсцениран“ од Русија и дека „неколку индикатори сугерираат дека нападот бил внатрешно извршен и намерно исцениран“.

„Руските власти неодамна презедоа чекори за зголемување на домашните руски капацитети за противвоздушна одбрана, вклучително и во самата Москва, така што е многу малку веројатно дека два дрона би можеле да навлезат во повеќе слоеви на противвоздушната одбрана и да детонираат или да бидат соборени директно над Кремљ на начин на кој ќе се обезбедат спектакуларни слики прекрасно снимени со камерата. Непосредниот, кохерентен и координиран одговор на Кремљ на инцидентот сугерира дека нападот бил внатрешно подготвен на таков начин што неговите планирани политички ефекти го надминуваат неговиот срам“, се наведува во анализата на ISW.

Да потсетиме, руската претседателска администрација вчера објави дека Киев се обидел да изврши напад со дрон врз резиденцијата на Владимир Путин во Кремљ.

„Два дрона беа насочени кон Кремљ. Како резултат на навремените дејствија на армијата и специјалните служби кои користат радарски системи за војување, уредите се оневозможени“, се наведува во соопштението на агенцијата РИА.

Како што се додава во соопштението, Путин не е повреден, а неговиот распоред на активности не бил променет.

Кремљ смета дека овие акции се планиран терористички акт и обид за атентат на претседателот во пресрет на Денот на победата и парадата на 9 мај. Она што загрижува е фактот што прес-службата на Кремљ нагласува дека Русија го задржува правото да одговори на таквите постапки, „кога и како сака“.

Претседателскиот портпарол Димитриј Песков изјави за РИА Новости дека плановите за одржување парада на Црвениот плоштад на 9 мај остануваат на сила.

На социјалните мрежи се појавија и видеа од наводниот напад на Кремљ, но тие не се независно потврдени.

Украина негираше вмешаност во наводниот обид за напад.

Слични содржини