Денот на македонскиот јазик е наше засолниште што го опеале големите македонски дејци од сите генерации, па Крсте Петков Мисирков ќе каже: „Милоста кон родниот јазик е наш долг и наше право. Ние сме должни да го милуваме нашиот јазик, зашто е наш, исто како што е наша татковината“, вака министерката за култура Бисера Костадиновска – Стојчевска ја започна својата честитка по повод 5 Мај – Денот на македонскиот јазик.
Министерката порача дека нашата татковина ја градиме секојдневно. Таа ја поздрави и свежата идеја на Институтот за македонски јазик за распишување на конкурсот за најдобар есеј за учениците и за студентите.
-Им честитам на наставниците и на професорите, а секако и на младите, кои се зафатија со предизвикот да беседат за „Јазикот наш денешен“ и за „Што направивме и што треба да направиме за македонскиот јазик“. Ова се важни и секогаш актуелни прашања за целата јавност.
Во рефератите на вашиот Собир ќе говорите и за електронскиот корпус и за дигитализацијата. Свесни сме дека и покрај сиот влог што го даваме во чување, збогатување и заштита на македонскиот јазик, нè чека уште многу работа.
Пред нас е изработката и на Стратегијата за македонскиот јазик, но сиве овие предизвици нè прават среќни зашто одиме по патот кој ни е цврсто трасиран од основоположниците на македонскиот стандарден јазик, кој е наш заеднички дом.
Нека ни е честит 5-ти мај, Денот на македонскиот јазик! Бедем кој цврсто и заштитнички стои пред нас, како и пред идните генерации Македонци, стои во честитката на Костадиновска-Стојчевска.