Министерството за внатрешни работи (МВР) и официјално информира дека забраниле влез во државата на петмина бугарски државјани, меѓу кои и европратеникот Андреј Ковачев и претседателот на фондацијата „Бугарска меморија“, Милен Врабевски.
-Денеска (06.05) околу 11 часот на граничниот премин Ново Село поради неисполнување на условите за влез во Република Македонија, согласно законот за странци, не е дозволен влез на петмина државјани на Република Бугарија, меѓу кои се и двете лица за кои прашувате. Македонската полиција нема да дозволи ниту сега ниту во иднина, никој да го нарушува јавниот ред и мир и да ги навредува и омаловажува граѓаните и државата и нема да биде дозволен влез на такви лица на територија на државата, соопштија од полицијата.
Со реакција се јави и бугарскиот европратеник и известувач во Европскиот парламент за Република Северна Македонија, Илхан Ќучук. Според него, недозволиво и неприфатливо е да не се дозволи влез на Ковачев. Како што вели, станува збор за бугарски државјанин, пратеник во Европскиот парламент, кој отишол во нашата земја со добри намери – да го почитува заедничкиот спомен.
-Мора да се изрази несогласување со овој став, кој мора да биде доволно силен од страна на бугарската амбасада и од страна на европратениците, коментира европатеникот.
Ковачев денеска обелодени дека од македонските гранични служби добил „еден лист на кој пишува дека има уредба дека не им се допушта влез во Република Северна Македонија“.
-Јас сум крајно збунет од ова бидејќи пред само неколку дена имавме средба со министерот за надворешни работи на Република Северна Македонија Бујар Османи. Ги поддржавме да ги започнат преговорите за членство во Европската унија (ЕУ). Не ми е јасно зошто постои овој став, коментирал Ковачев, пренесе „БТА“.