Владеачката бугарска партија ГЕРБ ќе се жали до официјалните власти на ЕУ откако вчера на нивниот член и европратеник Андреј Ковачев не му бил дозволен влез во Македонија.
„На Ѓурѓовден, кога го почитуваме споменот на паднатите војници за нашата татковина, властите на Република Северна Македонија го направија невидениот чин да не му дозволат влез на шефот на пратеничката група ГЕРБ-СДС во ЕП, д-р Андреј Ковачев, кој е исто така и портпарол на групата ЕПП во Европскиот парламент одговорна за проширувањето на ЕУ и Западен Балкан“, беше објавено на Фејсбук профилот на партијата.
Од таму велат дека ГЕРБ категорично ги осудува овие постапки на македонските власти.
-Слични недозволиви мерки, како и сите дејствија во последните месеци против други бугарски државјани или против граѓаните на РСМ, кои отворено го декларираат својот бугарски идентитет, на ниту еден начин не придонесуваат за европската интеграција на Република Северна Македонија, како и за развојот на добрососедските односи меѓу двете земји. ГЕРБ и нејзиниот лидер направија насочени напори да ја забрзаат европската интеграција на земјите од Западен Балкан, вклучително и на PCM. Потсетуваме дека во 2017 година, премиерот Борисов и премиерот Заев го потпишаа Договорот за пријателство, добрососедство и соработка. Токму за време на првото бугарското претседавање со ЕУ, темата за проширување беше вратена на агендата на Унијата. ГЕРБ ќе ги информира своите европски партнери, како и еврокомесарот за проширување“, додаваат од ГЕРБ.
Министерството за внатрешни работи (МВР) вчера информира дека забраниле влез во државата на петмина бугарски државјани, меѓу кои Ковачев и претседателот на фондацијата „Бугарска меморија“, Милен Врабевски, поради како што велат, неисполнување на условите за влез во државата, согласно законот за странци.