„После неколку дена откако упатив јавна порака до Димитар Ковачевски да дебатираме за договорот за градба на делови од Коридорот 8 и 10 Д со кој сопствената држава јасно ја ставија во подредена позиција, оттаму добив целосен молк. Бега од народот на избори, бега од мене пред јавноста да се соочи за договорот од неколку милијарди евра кој тој го договори“. Вака изјави синоќа лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски во обраќање на годишната конференција на Унијата на жени на ВМРО-ДПМНЕ.
Мицкоски му порача на Ковачевски да не се плаши од соочување, бидејќи како што вели, порано или подоцна ќе се случи тоа.
„Еве ќе му дадам уште една можност, уште една предност, на таа дебата нека го донесе и вистинскиот премиер Али Ахмети, и било кој министер кој смета дека му е потребен. Јас сам ќе дојдам, тој ако му е страв сам, нека дојде со цела влада. Но, важно е да дојде на дебата за да види народот кој што крие и кој е во право. Како беше она? Стани Ковачевски не се криј во глувчешка дупка, прифати дебата. На медиум кој ти сакаш, со цела влада која ти ја сакаш“, кажа Мицкоски.
Пред неколку дена Мицкоски ја истакна својата првична понуда за тв-дуел со премиерот за изградбата на Коридорите. Тој нагласи дека ВМРО-ДПМНЕ не е против градење, туку е против крадење.