Вицепремиерот за европски прашања, Бојан Маричиќ очекува што поскоро да се заврши текстот на амандманите за уставните измени во работната група за да може уште овој месец да ги продискутираат и да ги проследат во Собранието.
-Очекувам што поскоро да се заврши текстот на амандманите во прашање од неколку денови или недели за да можеме уште овој месец да ги видиме амандманите во јавноста, да ги продискутираме и понатаму да се проследат во Собранието. Јас очекувам да го стигнеме рокот во ноември, но таа динамика зависи од тоа како Собранието ќе го постави календарот на уставните измени, но сметам дека треба таа процедура да се започне пред летниот распуст на Собранието, изјави денеска Маричиќ пред почетокот на вториот панел на панел-дискусијата за ПФД2023 насловена „Патот кон 2030“.
Според информациите кои го добил од претставникот од СЕП во работната група, Маричиќ информира дека динамиката на работењето на оваа група се одвива добро и информира дека утре ќе имаат повторно средба.
Тој појасни дека претставникот на СЕП и претставникот на СДСМ имаат јасна насока да се држат исклучиво на тоа што го бара преговарачката рамка како тема и тоа што е неопходно за отворање на поглавјата и кластерите.