Елон Маск во понеделникот најави дека ќе ги отстрани сите сметки од Twitter кои се неактивни веќе неколку години, објаснувајќи дека неговата цел е да ја подобри платформата.
Според политиката на Twitter, корисниците треба да се логираат на нивната сметка најмалку еднаш месечно за да избегнат трајно отстранување поради продолжена неактивност.
„Ги елиминираме сметките кои не се активни со години, па веројатно ќе забележите дека бројот на вашите следбеници се намалува“, предупреди шефот на социјалната мрежа во твитот.
Откако ја купи платформата кон крајот на октомври за 44 милијарди долари, мултимилијардерот најави големи отпуштања и промени.
Аналитичарите велат дека многу огласувачи ја напуштиле страницата и апликацијата, а новата формула за претплата на Twitter Blue (за сертификација и поволности) е недоволна за да се компензира загубата на приход.
Но, шефот на Tesla и SpaceX продолжува да го реализира својот план, охрабрен од повратните информации од фановите.
„Работиме напорно за да го направиме вашиот „фид“ што е можно поинтересен… Каков е денес во спредба со пред шест месеци?“, праша тој во анкетата во неделата.
Околу 46 отсто од 1,5 милиони гласачи одговориле „подобро“, а 38 отсто „полошо“.
Кога поединци и компании избираат место за рекламирање, тие земаат предвид различни параметри, вклучувајќи го бројот на дневни (или барем месечни) активни корисници, просечното време поминато на платформата и „ангажманот“, т.е. бројот на интеракции со содржината (коментари, допаѓања, итн.) .
Според истражувачката компанија Insider Intelligence, приходите на Twitter ќе се намалат за 28 отсто оваа година бидејќи „огласувачите не му веруваат на Маск“.
Во интервју за Би-Би-Си, тој ги увери во спротивното, тврдејќи дека е забележано враќање на огласувачите и дека е „отприлика на точка на рентабилност“.