На 6-ти мај, на граничниот премин Ново Село, „поради неисполнување на условите за влез во Република Северна Македонија, согласно законот за странци, не било дозволен влез на група од петмина државјани на Република Бугарија“. Дополнително би сакале да нагласиме дека во оваа група со која патувал и европратеникот Андреј Ковачев, имало лица за кои во Министерството за внатрешни работи има сознанија дека претставуваат ризик по јавниот мир и безбедност, велат од Министерството за надворешни работи околу одбивањето за влез на европратеникот.
Од таму додаваат дека европратеникот Ковачев не е меѓу нив, но надлежните служби донеле таква одлука поради групата со која патувал. МНР се децидни дека секој европратеник кој го почитува достоинството на државата и нејзините граѓани е добредојден во Северна Македонија.
-За Владата на Северна Македонија приоритетно прашање е членството во ЕУ. За таа цел се ставени на располагање сите владини и административни ресурси за успешно завршување на скрининг процесот и отворање на првиот кластер – фундаменти. Паралелно се работи и на уставните измени кои влегуваат во клучна фаза, каде за кратко време работната група треба да излезе со предлог амандманите. Сензитивноста на овој процес не остава простор за преземање на најмал ризик кој би влијаел негативно на успешното спроведување на измените, стои во соопштението на македонската дипломатија.