Левица бара подигање споменик на загинатите специјалци во „Диво Насеље“

од Nikola Popovski
221 прегледи

Партијата Левица поднесе иницијатива на седницата на Советот во Општина Кумановоза за издигање споменик во чест на осумте загинати припадници на специјалните полициски сили во настаните кај „Диво насеље“ пред осум години.

-На 9-ти и 10-ти мај 2015 година во кумановската населба „Диво Насеље“ се случи терористичкиот напад, во кој осум припадници на полициските сили ги загубија своите животи. Денес, кога навршуваат осум години од овој настан, на Седницата на Советот во Општина Куманово, од страна на Советникот од Левица – Никола Лазаровски беше поднесена иницијатива за издигање споменик во чест на осумте загинати припадници на специјалните полициски сили, информираа од Левица.

За настаните во „Диво насеље“ од февруари 2016 година во Кривичниот суд се водеше судско рочиште против 29 лица кои се товарат за сторени кривични дела „Терористичка организација” и „Тероризам”. Сите 29 обвинети за кумановските случувања пред Судот се изјаснија дека не се чувствуваат виновни.

Случајот подоцна се спои со „Молња“ во кој се водеше постапка против осум лица помагачи на вооружената група од „Дива населба“, со што бројот на обвинети се искачи на вкупно 37.

Јавното обвинителство на Република Македонија покрена постапка за приведените во акцијата во Куманово откако МВР поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција против определен број лица за „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедност“.

Од 37 обвинети за тероризам и терористичка организација, 33 лица беа осудени за делата, а за четири лица е донесена ослободителна пресуда.

Кривичниот суд во ноември 2017 година на казна доживотен затвор осуди осуммина обвинети за терористичкиот напад во кумановско „Диво Насеље, а 13 обвинети добија казна од 40 години затвор.

На казна затвор од 20 години се осудени петмина обвинети, две години помалку доби еден обвинет, а по двајца обвинети добија казна затвор од 14, 13 и 12 години.

Слични содржини