Украинските сили напреднаа два километри околу Бахмут, епицентарот на борбите на истокот на земјата, соопшти денеска заменик министерот за одбрана на Украина.
„Непријателот претрпе големи загуби во жива сила. Нашите одбранбени сили напреднаа два километри во близина на Бахмут“, рече Гана Маљар во соопштението објавено на социјалните мрежи.
„Не изгубивме ниту една положба околу Бахмут оваа недела“, додаде таа.
Уште вчера, украинските власти соопштија дека украинските сили принудиле дел од руските војници да се повлечат со контранапади во Бахмут.
Руското министерство за одбрана во вчерашното соопштение наведе дека изјавите на поединци преку Телеграм во врска со „инфилтрацијата“ на неколку места на линијата на фронтот „не соодветствуваат со вистината“, јавува денеска Би-Би-Си.
„Општата ситуација во зоната за специјални воени операции е под контрола“, соопшти руското министерство, користејќи го својот термин за инвазија.