Институциите на системот постапуваат по секоја пријава за случај за врсничко насилство или било какво девијантно однесување во училиштата. Државата има развиено механизам кој го сочинуваат сет закони, проектни мерки и активности за детекција и справување со врсничко насилство. Граѓаните треба да се охрабрат да пријавуваат било какви форми на насилство меѓу младите во училишните објекти, како и надвор од нив, но и да имаат доверба дека за секоја пријава ќе има соодветен исход, соопшти Министерството за образование и наука.
Потврда за ова, како што посочуваат, е случајот со девијатно однесување на ученик во основното училиште „Браќа Миладиновци“ во општина Аеродром, каде е одреден стручен надзор над истиот за време на наставата. Донесена е одлука, вработени од стручната служба во училиштето ќе присуствуваат на часовите и ќе обезбедуваат поддршка на наставниот кадар во работата со ученикот, но и ќе работат директно со ученикот во насока на подигнување на неговата концентрација кон наставната материја и градење на подобар однос кон соучениците.
– Јасно е дека образовниот систем има примарна улога во градењето на младите како личности кои треба да ги прифаќаат и применуваат вистинските човечки, етички и морални вредности и норми. Но, какви генерации ќе создадеме не зависи само од наставниот кадар и стручните служби во училиштата. Тоа е обврска на сите општествени чинители, се наведува во соопштението од МОН.