Поранешната министерка за култура, Елизабета Канческа-Милевска доби ослободителна пресуда за случајот „Тендери“. Покрај првообвинетата, ослободени од обвинението се и второ и третообвинетата, Лидија Лазарова-Цветковска, Јулијана Угриновска.
Судијата Осман Шабани во образложението на пресудата кажа дека Обвинителството не усепало да ја докаже вината на обвинетите надвор од реално сомневање.
Канческа Милевска беше првообвинета во предметот „Тендери“ во врска со тендерот за извршување градежни работи во Музејот на македонската борба за државност и самостојност, како дека од проектот „Скопје 2014“.
Според обвинението, дел од градежните работи во Музејот се вршени во корист на правното лице „Бетон“ од Штип. Пред да се објави оглас за доделување договор за јавна набавка и пред да се спроведе постапката, спротивно на Законот за јавните набавки, Канческа Милевска преку разговори со генералниот директор на градежното претпријатие „Бетон“ од Штип наложила да се продолжи со работа на Музејот, каде што се изведувале градежни работи по претходно склучен договор за јавна набавка.
Ова беше шести обид да се донесе пресуда за случајот „Тендери“, а се суди веќе пет години. Судењето трипати досега се враќаше од почеток поради поминување на 90 дена од рочиште до рочиште, а двапати и поради смена на судија поротник.