По втор пат за само неколку дена, илјадници луѓе протестираа во Белград и во другите градови во Србија, изразувајќи го своето незадоволство од зголеменото насилство во земјата.
Неколку часа пред денешниот нов протест што го свика опозицијата, српскиот претседател Александар Вучиќ ја обвинува опозицијата за „политичка злоупотреба на трагедијата“ по двете масовни убиства во кои загинаа 17 лица, главно деца и млади луѓе.
Демонстрантите, од друга страна, ги обвинуваат Вучиќ и владата за создавање амбиент што доведе до зголемување на насилството.
И покрај забраната од полицијата и предупредувањето дека ќе сносат прекршочна и кривична одговорност во случај на блокирање на мостот Газела, дел од меѓународниот автопат Е75, демонстрантите го прекинаа сообраќајот.
Ова е втор пат во последните неколку години да биде блокиран дел од овој автопат во Белград.
Пред две години, демонстрантите на еколошките протести го направија токму тоа со цел да го изразат своето несогласување со планот за ископ на литиум во западна Србија.
Во последните години насилството е во пораст во Србија, а минатата недела за само два дена се случија две масовни убиства, прво во основно училиште, а потоа и во село на околу 50 километри од Белград.
Од почетокот на годинава се евидентирани 17 убиства, а лани имало 25 убиства низ цела година.
Србија има проблем и со бројот на оружје во рацете на цивилите, што според некои истражувања Срвија се рангира меѓу лидерите во светот.
По две масовни убиства, државата започна нова кампања за враќање на нелегалното оружје и, според нивните тврдења, во првите четири дена биле предадени околу 10.000 парчиња.
На првиот протест во понеделникот на 8 мај немаше политички говори, извици, музика и свирежи.
Се се одвиваше во тишина во знак на почит кон жртвите од двете злосторства.
Слично е и на почетокот на денешниот протест кој исто така се одржува под слоганот Србија против насилството.