Министерот за правда, Кренар Лога се обрати во Хаг на Конференцијата за започнување на проектот на ЕВРОПРАВДА “Подобрување на прекуграничната соработка во кривичната правда во Западен Балкан”. Долгогодишната соработка меѓу Република Северна Македонија и ЕВРОПРАВДА е од исклучителна важност вклучително и од аспект на процесот на евроинтеграции со кој нашата земја во моментот се соочува. Во своето обраќање, министерот Лога рече дека од исклучително значење за поефикасно справување со случаите на прекуграничен криминал е заложбата на ЕВРОПРАВДА дополнително да се ангажира со партнерите од Западен Балкан во насока на јакнење на капацитетите на државите во справување со прекуграничниот криминал, преку обезбедување на оперативна и техничка помош и поддршка и поедноставување на спроведувањето на заеднички истраги.
„Исклучително важен сегмент од нашата стратешка соработка и партнерство претставува и обвинителот за врски од Република Северна Македонија во ЕВРОПРАВДА и оттука сакам да ја потенцирам и очигледната улога и активното учество во постигнување на досегашните резултати на актуелниот Обвинителот за врски, Ленче Ристоска.
Оттука идејата за подигнување на нивото на соработка и назначување на постојан обвинител за врски е взаемна и ја има мојата целосна поддршка. Ова особено заради тоа што сметам дека поставувањето на јавен обвинител за врски со постојан престој во Хаг ќе придонесе за видливо подобрување на резултатите во гонење на прекуграничен криминал но и за градење на националните капацитети“, потенцира Лога.
Министерот изрази уверување дека од страна на Јавното обвинителство на Република Северна Македонија во најскоро време ќе бидат завршени потребните процедури за донесување на одлука за огласот за пријавување кандидати за Јавен обвинител за врски од Република Северна Македонија во ЕВРОПРАВДА кој сеуште е во тек и дека се очекува наскоро од страна на Јавниот обвинител на Република Северна Македонија да бидеме известени за избраниот кандидат. Министерот Лога информираше дека е донесен и Правилник за начинот на соработката помеѓу Јавното обвинителство на Република Северна Македонија и Министерството за правда со ЕВРОПРАВДА. Поагајќи од потребата за овозможување поголема ефективност и ефикасност во работењето беше подготвен текстот на Правилникот со кој во најголем дел е уредена меѓуинституционалната координација и координацијата со обвинителот за врска.
„Уште еднаш сакам да ја поздравам имплементацијата на Проектот кој ЕВРОПРАВДА започнува да го работи со државите во Западен Балкан со кој несомнено ќе се зајакне и унапреди соработката меѓу обвинителствата од земјите од Западен Балкан, но и ќе се овозможи поефикасно справување со прекуграничниот криминал, порача Лога од Хаг.