Украинските воени разузнавачи тврдат дека руските сили во таа земја повеќе не се способни за офанзивни акции од големи размери и главно се посветени на одбраната. Она за што Москва сè уште има капацитет е одржување на сегашниот интензитет на ракетни напади, додаваат тие.
Портпаролот на украинската воена разузнавачка служба, Андриј Јусов, во синоќешното интервју за украинска телевизија изјави дека, кога се зборува за „должината на целото бојно поле“, руските сили се „во дефанзива“ и немаат ресурси кои ќе овозможат да ги „повторат големите офанзивни операции“.
„Сето ова време тие се подготвуваат за одбрана и тоа е важен фактор што украинската команда многу сериозно го сфаќа кога се подготвува за деокупација на украинска територија“, додаде Јусов.
Портпаролот тврди дека целта на руските ракетни напади е променета, а нивниот интензитет е ослабен од зимата кога руските сили редовно ја напаѓаат украинската енергетска инфраструктура. Тој додаде дека руските сили страдаат од недостатоците на некои видови ракети како што е „Калибр“.
„Тие активно бараат начини како да го компензираат тоа… тие бараат оружје низ целиот свет. Досега не беа многу успешни“, рече Јусов, додавајќи дека и покрај тоа, руските сили „се способни да го одржат интензитетот на ракетните напади, барем засега“.
Тој проценува дека Русите имаат голема залиха ракети С-300, кои можат да направат голема штета. Станува збор за проектили дизајнирани како противвоздушно оружје, но Русите редовно ги користат за напади на копнени цели.