„Марјан Доказ“ побара изземање на јавниот обвинител Рајчев од постапката во Апелација

од Vladimir Zorba
199 прегледи

Сопственикот на порталот „ДоказМ“, Марјан Стаменковски, на денешната јавна седница во Апелациониот суд Скопје, побара изземање на јавниот обвинител Сашо Рајчев од постапката.

Според обвинетиот, јавниот обвинител Рајчев соработувал со него на дел од предметите за коишто му се суди.

– Барам да се изземе почитуваниот обвинител поради судир на интереси, бидејќи, според мои сигурни информации, лицето Сашо Рајчев има праќано информации кои што се дел од предметите за што ме судите, но и за предмети за кои претседателот на Вишото јавно обвинителство, Мустафа Хајрулахи, има барано извинување од мене, но и за други предмети, рече обвинетиот.

Јавниот обвинител Рајчев ги негираше овие трврдења како невистина.

– Во поглед на искажаното барање, со оглед дека претставува законски основ за поднесување тужба за клевета, ќе наведам дека обвинетиот ниту го знам, ниту го познавам, ниту некогаш сме комуницирале со него на кој било начин и денеска искажаните наводи во целост се невистина. Воедно ќе кажам и тоа дека ниту сум го читал порталот преку кој објавувал текстови, за кои денеска е обвинет, со оглед да немам профили на социјалните мрежи, ниту сум го следел на друг начин, изјави Рајчев.

Дополни дека согласно Законот за кривична постапка, по поднесено барање за изземање на јавен обвинител од определено обвинителство, одлучува претпоставениот, односно раководителот на тоа обвинителство.

– По денеска изнесеното барање за изземање да постапувам по овој предмет ќе биде одлучено согласно законот, рече обвинителот.

Јавната седница е прекината до 13:30 часот за да се одлучи по барањето за изземање на јавниот обвинител Рајчев.

Слични содржини