Дојче банк ќе им плати отштета на жртвите на Епштајн: „Избраа профит наместо почитување на законот“

од Stefanija Kuzmanovska
228 прегледи

„Дојче банк“ се согласи да плати 75 милиони долари за решавање на тужбата во која се тврди дека го овозможила наводниот синџир за сексуална трговија на Џефри Епштајн.

Тужбата ја поднела неименувана жена која тврди дека банкарскиот гигант продолжил да соработува со Епштајн, и покрај тоа што банката знаела за што се користат неговите сметки. Таа исто така тврдела дека Епштајн ја злоставувал и ја продавал на своите пријатели.

„Дојче банк“ одби да го коментира случајот.

Жената поднела колективна тужба во Њујорк во ноември минатата година во име на себе и на други жени кои починатиот американски финансиер, наводно, ги злоставувал.

Таа рече дека „Дојче банк избрала профит наместо почитување на законот“, бидејќи знаела дека „ќе заработи милиони долари од овозможувањето на трговијата со секс на Епштајн“.

Жената исто така тврдела дека Епштајн сексуално ја злоставувал и продавал на неговите пријатели околу 15 години, како и дека добивал пари за нејзините сексуални дејствија.

Едвардс Потингер, една од адвокатските канцеларии кои ја застапуваат неименуваната жена, изјави за Би-Би-Си дека исходот е „веројатно најголемата спогодба за сексуална трговија со банкарска институција во историјата на САД“.

„Спогодбата ќе им овозможи на десетици преживеани конечно да се обидат да ја вратат својата верба во нашиот систем, знаејќи дека сите поединци и ентитети кои ја олесниле операцијата за сексуална трговија со луѓе на Епштајн конечно ќе бидат повикани на одговорност“, додаваат од фирмата.

Дилан Ридл, портпарол на банката, одби да коментира за спогодбата, но рече дека таа „постигнала значителен напредок во решавањето на голем број прашања од минатото“.

Ридл додаде дека банката инвестирала повеќе од 4 милијарди евра за да ги подобри своите контроли, обуки и оперативни процеси и да го зголеми својот тим посветен на борбата против финансискиот криминал.

Епштајн почина во затворска ќелија во Њујорк на 10 август 2019 година.

Слични содржини