Претседателот на Украина Володимир Зеленски одржа средба со претставници на воените ресори, на која се разговараше за офанзивните и одбранбените прашања, како и за добивање дополнителни системи за противвоздушна одбрана и оружје со долг дострел.
„Одржана е седница на воениот кабинет. Ова е нашиот посебен формат на работа во тесен круг со оние кои се задолжени за одбрана на државата. Таму беа командантите на клучните области на фронтот, како и врховниот командант, генералштабот, разузнавачките служби и безбедноста“, објави Зеленски во видео објавено на каналот на Телеграм, пренесува РИА Новости.
Претседателот на Украина изјави дека „одбранбените бригади“ ги извршувале главните стратешки задачи, но не наведе детали, објаснувајќи дека „сега не е време“. Тој посочи дека приоритети за работа за оваа недела и во блиска иднина се добивање меѓународна поддршка во вид на дополнителни системи за противвоздушна одбрана, ракети, авиони и оружје со долг дострел.
Претходно денеска, претседателот на украинскиот парламент, Руслан Стефанчук, за време на неговата посета на Норвешка најави дека Киев „многу наскоро“ ќе добие уште повеќе системи за противвоздушна одбрана со среден дострел NASAMS, потсетува руската агенција.